Често Поставувани Прашања

Зошто хаклаб?

За да научиш нови работи од светот на софтверот и хардверот, да најдеш помош за доразвивање на некои од твоите идеи што мислиш дека никогаш нема да ги реализираш, да ти се средат проблемите во животот со GNU/Linux дистрибуциите, да јадеш наполитанки додека не пукнеш, да дознаеш како да се заштитиш на интернет и да ги научиш правата кои ги поседуваш додека сурфаш, слободно да пиеш филтер кафе, да добиеш добри насоки за Gnome Women Outreach програмата, да добиеш помош за Google Summer Of Codе и да правиш многу други интересни работи.

Идејата е сите кои се заинтересирани за слободен софтвер, GNU/Linux, но и општо технологија, компјутери, хакирање (не кракирање), мрежи, сервери, електроника, слободна култура и општество, геџети, роботи итн., да може да се соберат за да споделат знаења и искуства, да дискутираат и експериментираат.

Дали треба да бидам член на КИКА за да го посетувам хаклабот?

Не. Хаклабот е отворено место и е добредојден секој кој сака да се приклучи во тековните активности или да предложи нови.

Како да станам член? Колку чини членарината?

За да станеш член на хаклабот, треба да бидеш над 16 години и да пратиш мејл на info@slobodensoftver.org.mk.

Членарината се собира од 20-ти до 27-ми во месецот. Парите се трошат за кирија и функционирање на хаклабот.

Не сакам да бидам член, но сакам да му помогнам на хаклабот. Што можам да направам?

Дојди, дружи се, направи настан, сподели знаење, кажи им го хаклабот на твоите пријател.

Би сакал да донирам работи кои не ги користам, што можам да ви донирам?

Во КИКА постојано се трошат LED диоди, отпорници, микроконтролери, струја, компјутери, наполитанки, матични плочи, хард дискови и РАМ меморија со кои се изработуваат најразлични проекти. На КИКА и треба и инфраструктура па ако имате осцилоскоп, столчиња, маси, полици, фотељи, алат, електронски компоненти и сл. би биле добредојдени. Пополнете го формуларот докулку сакате да донирате опрема и ќе ве контактираме во најбрз можен рок.

Дали треба да бидам член за да доаѓам на настани или курсеви?

Не, настаните се бесплатни и отворени за било кој, додека курсевите се наплаќаат каде што дел од парите одат кај предавачот, останатиот како донација за хаклаб.

Кога е отворен хаклабот?

Провери на status.spodeli.org.

Дали можам да доаѓам во хаклабот иако не сум техничко лице?

Секако! Во хаклабот се собираат луѓе од најразлични области.

Како да организирам настан во хаклаб?

За да организираш настан најпрвин мора да провериш дали терминот е слободен. Потоа да објавиш настан кој ќе има основни информации како датум, време и инфо за настанот.