NSND 2023та, 27ми август, Охрид

НСНД (Ništa se neće dogoditi) е настан кој се одржува некаде од 2007ма година низ разни градови на Балканот – како неформален собир на хакери, гикови, ентузијасти за технологија, членови на хаклабите од регионот и пошироко.

После подолга пауза, правиме уште еден собир, овојпат во Охрид.  Домаќин ќе биде Касарна Хаб, a добредојдени се сите заинтересирани.

Настанот е замислен како неконференција (анти-конференција) без претходно одредена програмa. Програмата се дефинира на лице место и најчесто содржи:
– работилници и предавања поврзани со слободниот софтвер / слободната култура
– демонстрација на (софтверски) алатки, библиотеки или сопствени проекти
– дискусија на теми поврзани со технологија или пресек помеѓу технологијата и општество.

НСНД настаните се забавни, неформални, отворени за сите ентузијасти и бесплатни. Регистрација не е потребна.

Можеби ништо нема да се случи – важно е да се дружиме!

Годинешното НСНД е закажано за  недела, 27ми август 2023та,  во Касарна Хаб Охрид (https://kasarna.net/).  Структура и агенда нема, но вообичаено се собираме во 12 часот, се договараме што ќе се прави, и продолжуваме понатаму.

За љубителите на покласична конференција, еден ден порано на истата локација ќе биде и BeerJs 0.33 vol3.

 

Можност за Студенти: Google Summer of Code (GSoC)

Драги студенти и читатели.

Хаклаб КИКА сака да ја сподели можноста со сите млади над 18 години за можноста да се вклучат и научат повеќе за светот на слободен софтвер ова лето.

Што е Google Summer of Code?

Google Summer of Code или накратко наречен GSoC е програма основана во 2005 од Google чија цел е да ги поврзе студентите да работат на софтвер кој е објавен со лиценца за слободен софтвер, а истовремено да бидат платени од Google за нивните придонеси.

Во 2023 година учесниците имаат можност да работат со една од 172 организации. Секој учесник индивидуално ја избира организацијата во која сака да работи и со каков проект сака да учествува. Проектите се бираат од листата на идеи на организациите, а постои и можност да настапат со сопствен проект. Организации има во доволен број, за сечиј интерес! Од оперативни системи, хардвер, алатки за развивање на софтвер, до системи за видео комуникација и разменување пораки, има широк спектар на можности. Организации за кои можеби имате слушнато, а биле дел од GSoC се: CERN, Python, PostgreSQL, Metasploit, OpenStreetMap, Tensorflow, VLC и многу други. Исто така организациите работат со разновидни технологии како Python, C, Rust и слично.

Апликациите за учесниците ќе бидат отворени на 20 март и ќе траат до 4 април.

Во меѓувреме искористете го времето да научите повеќе за организациите кои го будат вашето љубопитство и почнете да се запознавате со нивните ментори, проекти и кодови. Не се плашете да им испратите сугестии или да се запознаете, тие тоа го чекаат :).

GSoC оваа година станува полнолетен и има пртерпено многу промени. Една од промените е што повеќе не е потребно да имате завршен факултет, ниту активно да студирате за да учествувате. Оваа година учесниците ќе ја имаат можноста да изберат дали ќе работат на проект од 3 месеци или со согласност од менторот да се продолжи рокот на 5 месеци.

За работа на проекти од средна големина Google ќе исплати 1500 долари, додека потешките проекти се вреднуваат 3000 долари за целиот период.

Повеќе информации можете да побарате на страницата на: g.co/gsoc или да нè побарате на нашиот ИРЦ канал, #spodeli на Libera.

Со среќа на сите што ќе се пријават! 😀

Учиме заедно: Deep learning со Andrej Karpathy

Денес (12.02.2023)  ќе учиме deep learning заедно во Хаклаб. Ќе почнеме со курсот на Andrej Karpathy – From Zero to Hero, курс кој во 7 лекции не води брзо од фундаментално знаење за невронски мрежи до градење на модел како GPT

Се гледаме од 19:00 вечер во Хаклаб!

Гостински пост: Advent of Cyber & Advent of Code со МЕХ

Здраво читатели!

Ние сме Македонски Етички Хакери, или МЕХ на кратко.

МЕХ е група ентузијасти кои во слободно време сакаат да решаваат CTFs и заедно да научат како подобро да се заштитиме во дигиталниот свет. Затоа, од 1 декември ќе организираме секојдневен повик на платформата Discord, каде што заедно ќе решаваме проблеми од Advent of Cyber и Advent of Code. Нашата цел е да научиме нешто повеќе за сајбер безбедност и малку алгоритми.

Ако си заинтересиран да научиш повеќе, да го споделиш твоето решение со нас или просто ти треба помош, од 18:00 часот можеш да ни се приклучиш на следниот линк: https://discord.gg/uW4uajdc99. Или доколку си етички хакер/ка, личност што е заинтересиран/а за новите хакови во јавност или ја интересираат загатки, или пак имаш желба да расипеш нешто и да научиш нешто повеќе, МЕХ е тука да те пречека со отворени раце.

МЕХ ја користи оваа прилика да искаже голема благодарност до Хаклаб КИКА. ❤️

From scratch: имплементираме MD5 во Python

Од чиста мира, без некоја особена потреба, вечерва Андреј Т. (whoeverest) ќе го реимплементира MD5 hashing алгоритмот во Python. Во живо на стрим се разбира: https://meet.google.com/rta-negd-yjg

Овој алгоритам си има посебно место во историјата; на времето (кога беше све поарно) се користеше за хаширање на лозинки, секако, доколку програмерите беа доволно совесни да ги хашираат, арно ама испадна криптографски несигурен и денеска се користи претежно за не-толку-битни проверки од типот „фајл А е еднаков на фајл Б.“

Инаку постов го крстив „From scratch” затоа што од пред некое време имав идеја да направам редовен настан кај што ќе имплементираме Х од нула, каде што Х е некоја работа која ја користиме и земаме здраво за готово. Во зависност од интересот, ова може да биде еднократен настан или серија. Ако е серија ќе ја туриме на Нетфликс хехе.

Се гледаме вечер во 20:00ч. (Дата: 11.04, ден недела.)

Првата слика кога ќе пишеш hashing algorithm во DuckDuckGo, од Википедија.

Хаклаберски вечери на програмирањето #01-2020: Rust и уште нешто

Денес (сабота, 18 април 2020), во 19:00ч. ќе имаме „хаклаберски вечери на програмирањето“, или само „програмски вечери“. Се собираме на следниов линк: https://meet.google.com/rhe-qgde-pov, ќе си збориме за програмски јазици и ќе си програмираме за душа.

Може да паднат неколку линии Rust, може да паднат па и неколку линии од некој друг програмски јазик. Ама тоа не е битно. Битно е да се појавите во 19:00ч. со пијалок по ваш избор.

Се гледаме. 🙂