Можност за Студенти: Google Summer of Code (GSoC)

Драги студенти и читатели.

Хаклаб КИКА сака да ја сподели можноста со сите млади над 18 години за можноста да се вклучат и научат повеќе за светот на слободен софтвер ова лето.

Што е Google Summer of Code?

Google Summer of Code или накратко наречен GSoC е програма основана во 2005 од Google чија цел е да ги поврзе студентите да работат на софтвер кој е објавен со лиценца за слободен софтвер, а истовремено да бидат платени од Google за нивните придонеси.

Во 2023 година учесниците имаат можност да работат со една од 172 организации. Секој учесник индивидуално ја избира организацијата во која сака да работи и со каков проект сака да учествува. Проектите се бираат од листата на идеи на организациите, а постои и можност да настапат со сопствен проект. Организации има во доволен број, за сечиј интерес! Од оперативни системи, хардвер, алатки за развивање на софтвер, до системи за видео комуникација и разменување пораки, има широк спектар на можности. Организации за кои можеби имате слушнато, а биле дел од GSoC се: CERN, Python, PostgreSQL, Metasploit, OpenStreetMap, Tensorflow, VLC и многу други. Исто така организациите работат со разновидни технологии како Python, C, Rust и слично.

Апликациите за учесниците ќе бидат отворени на 20 март и ќе траат до 4 април.

Во меѓувреме искористете го времето да научите повеќе за организациите кои го будат вашето љубопитство и почнете да се запознавате со нивните ментори, проекти и кодови. Не се плашете да им испратите сугестии или да се запознаете, тие тоа го чекаат :).

GSoC оваа година станува полнолетен и има пртерпено многу промени. Една од промените е што повеќе не е потребно да имате завршен факултет, ниту активно да студирате за да учествувате. Оваа година учесниците ќе ја имаат можноста да изберат дали ќе работат на проект од 3 месеци или со согласност од менторот да се продолжи рокот на 5 месеци.

За работа на проекти од средна големина Google ќе исплати 1500 долари, додека потешките проекти се вреднуваат 3000 долари за целиот период.

Повеќе информации можете да побарате на страницата на: g.co/gsoc или да нè побарате на нашиот ИРЦ канал, #spodeli на Libera.

Со среќа на сите што ќе се пријават! 😀

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *